Почитувани,
Спелеолошки клуб “Златоврв” – Прилеп од 2012г. започнува со објавување на првото спелеолошко списание во Македонија:
“Македонско спелеолошко списание | Macedonian Journal of Speleology”.
Македонско спелеолошко списание (МСС) претставува списание со научно-популарен карактер, во кое се објавуваат информации за спелеолошки истражувања, научни трудови за карстот и пештерите, како и информации за новости и достигнувања во техниките на совладување како и истражување на пештери и пропасти и ќе биде достапно бесплатно во електронски формат.
Целта на ова списание е да допринесе кон дисеминација на резултатите од спелеолошките истражувања во Македонија, преку авторски заштитени трудови, како и доближување на светските достигнувања од областа на карстологијата и спелеологијата кон македонската спелеолошка фела. Списанието е наменето како за научните работници во областа на спелеологијата, така и за спелеолозите истражувачи предводени од спелеолошките клубови и друштва во Македонија. Текстовите кои се објавуваат во МСС обработуваат теми од различни дисциплини на спелеологијата и карстологијата (карстна геоморфологија, геологија, спелеоморфологија, спелеогенеза, биоспелеологија, хидрогеологија, спелеоархеологија и др.) особено за Македонија, но и надвор од неа.
Ги повикуваме сите заинтересирани кои сакаат да објават прилог/труд во списанието, да се обратат на и-мејл адресата на списанието: mss@speleo.mk.
Првиот број се очекува да излезе до крајот на 2012.
Со почит,
Уредувачкиот одбор.