Екипата на Bottom Time од Охрид во соработка со Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп е во подготовка на спелеолошки камп на Галичица кој ќе се одржува во периодот меѓу 4 и 9 август. Како дел од подготовките изминатата недела беа посетени некои од пештерите на западната падина на Галичица, како и по брегот на езерото, беа лоцирани потенијални локации за истражување, а беше одржана и средба со претставниците на ЈУ Национален парк Галичица, со оглед на тоа дека истражувањата ќе се вршат на територијата на паркот.
Кампот ќе има главно истражувачка цел, почнувајќи од потврдување на досегашните сознанија за пештерите на Галичица, преку истражување на нови канали во познатите пештери на Галичица, до лоцирање и истражување на нови пештери на Галичица.
Активностите ќе се одвиваат претежно на западната падина на планината, како и на платото на Галичица. Базниот камп ќе биде на брегот на Охридското езеро, во околината на кампот Љубаништа.