Најголемите пештери во Македонија

Изминатите години низ медиумите кружат некои статии за пештерите во Македонија, низ кои можат да се сретнат и информации за најголемите пештери кај нас. Нажалост, во сите тие статии стојат грешни информации, односно податоците кои се дадени се стари и не се земени во предвид резултатите од спелеолошките истражувања во последните десетина години, кога всушност се постигнати и најголемите спелеолошки резултати кај нас. Така на пример доста често пештерата Бела Вода во Демир Капија (истражена во должина од скоро 900 m) може да се сретне издвоена како најдолга пештера во Македонија, иако уште во 2004 година, пештерата Слатински Извор стана најдолга истражена пештера кај нас, кога тимот на ASBTP (Association Sportive du Batiment et des Travaux publics) од Ница, Франција, заедно со Спелолошкото друштво „Пеони“ од Скопје истражија безмалку 4 km пештерски канали.

Се надеваме дека овој текст ќе појасни некои работи околу пештерите во Македонија.

 

Што се пештери, а што пропасти и како настануваат?
Што е тоа карст?

 

НАЈГОЛЕМИ ПЕШТЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Земајќи ги најновите информации (заклучно со 2016 година), најдолга пештера во Македонија е пештерата Слатински Извор со должина од 3942 m, а најдлабока е пештерата Словачка Јама со длабочина од 650 m. Како што може да се види од табелите подолу, четири од најголемите пештери (Словачка Јама, Матка Врело, Крапа 1 и Крапа 2) припаѓаат и во најдолгите и во најдлабоките пештери. Севкупно во двете категории (според должина и длабочина), како најголеми се издвоени 16 пештери.

Најдолги десет пештери

Најдлабоки десет пештери

*Должината е земена како минимална, базирана на регистрираната длабочина
**Должината е измерена од публикуваната скица
Листа на извори на податоци:
1. Carlin R. (2011): Macedoine 2010 – Expedition Speleologique en Republique de Macedoine, ASBTP, Nice, 1-29.
2. Givhevski B. (2016): Hydrogeological and speleological research of the spring cave Slatinski Izvor and its recharge are (Republic of Macedonia). PhD thesis, University of Nova Gorica, Slovenia, 1-185. http://repozitorij.ung.si/IzpisGradiva.php?lang=slv&id=2648
3. Holúbek P., Pokrievka P., Sluka M., Šmoll J., Votoupalet S. (2013): Balkánske speleologické výpravy v roku 2012. Spravodaj SSS 2:36-46
4. Карлин Р., Ангелов Н., Октавиан М. Ч., Гроздановски Х., Жежовска Д., Жежовски И. (2011): Непознати природни реткости во Македонија, СД “Пеони”, Скопје, 1-63.
5. Kýška K., Hutňan D. (2014): Macedónsko – Babuna 2014. Spravodaj SSS, 4, 47-50.
6. Macedónsko august 2013. cervenevrchy-speleo.sk (пристапено на: 12.12.2016 г.)
7. Matka Vrelo 230m Macedonia 2016 (видео). https://vimeo.com/181662504 (пристапено на: 12.2016 г.)
8. Pokrievka ml (2016): Macedónsko 2016. www.cervenevrchy-speleo.sk (пристапено на: 12.12.2016 г.)
9. Temovski M. (2016): Evolution of karst in the lower part of Crna Reka river basin. Springer Theses. Springer International Publishing, Heildelberg, 1-265.
10. Спелеолошко друштво „Пеони“ – Скопје
11. Спелеолошки клуб „Златоврв“ – Прилеп
12. Стојковски З. (1998): Заштита и управување на пештерите и карстот во Р. Македонија, Спелеолошко друштво Пеони – Скопје, 1-48.
13. Vandermeulen M. (2015): 12 ans d’exploration de Matka Vrelo en République de Macédoine. Regards 80:16-33

 

КАДЕ СЀ ИМА ПЕШТЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА?

Пештери се регистрирани во скоро сите типови карстни карпи во Македонија. Најголемиот дел се формирани во (прекамбриумски и палеозојски) мермери, втори по застапеност се пештерите во (мезозојски) варовници, неколку пештери се формирани во (квартерни) бигорливи варовници, а една е формирана во (креден) гипс. Пештери во карбонатните шкрилци досега не се регистрирани.

Со оглед дека пештери може да има само онаму каде што има карстни терени, најголемиот дел од пештерите се среќаваат во западниот и централниот дел од Македонија, каде се застапени и најголемиот дел од карстните терени. Во источниот дел од Македонија, каде карстот е и најмалку застапен, многу мал е и бројот на регистрирани пештери.

Во однос на застапеноста, карактеристиките и значењето на пештерите, можат да се издвојат неколку позначајни карстни области.

Најзначајна област е карстот на масивот Јакупица и во Поречката Котлина. Во овој простор, кој се протега од Пелагонија на југ, па се до Матка на север, има најголем број на истражени пештери. Во Поречката котлина тие се претежно хоризонтални (на пример најдолгата – Слатински Извор), додека на масивот Јакупица се претежно вертикални (пропасти), на пример најдлабоката (Словачка Јама). Воедно во овој простор се наоѓаат уште неколку поголеми пештерски системи, како Крапа 1, Крапа 2, Изворот на Бабуна и Матка Врело (Коритиште). Од вкупно 16 најголеми истражени пештери (според должина и/или длабочина), 11 се наоѓаат во овој простор.

Други позначајни спелеолошки области се долината на р.Радика, клисурата Пешти на р.Бабуна, Бистра Планина, Буковиќ, Жеден, Демирхисарската област, планината Галичица, Мариово, Витачево, Демиркаписката Клисура на р.Вардар и Бислимската Клисура на р.Пчиња.

Позначајни пештери во овие краишта се пештерата Симка во долината на р. Радика, Макаровец во долината на р.Бабуна, Алилица на Бистра Планина, Дона Дука на Жеден, Ѓоновица на Буковиќ, Самоска Дупка на Галичица, термалните пештери Провалата и Карши Подот во Мариово, Драгожелска Пропаст и Будимирица на Витачево, Бела Вода во Демиркаписка Клисура и др.

За изворите на податоците

Во Македонија, нажалост, немаме централен (државен) катастер/регистар на пештери, иако спелеолошката фела долги години укажува на потребата од истиот. Како резултат на тоа, не знаеме колкав е точниот број на истражени пештери кај нас. Во медиумите, а и низ литературата, долги години наназад често се спомнува бројка од околу 500 пештери, меѓутоа (иако делува веродостојна) таа е само претпоставка. Информациите за пештерите кои се претставени во овој текст се базирани на сите достапни материјали за спелеолошките истражувања во Македонија, како и податоците од интерниот спелеолошки регистер на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп. Во спелеолошкиот регистар на Спелеолошкиот клуб „Златоврв“ – Прилеп, досега (декември 2016 г.) има регистрирано 418 пештери, за повеќето од кои се документирани координати на влезот и карти (скици). Информациите за пештерите се собрани од литературата (домашна и странска), сопствените истражувања, а дел и информации доставени од соработници и останати спелеолошки огранизации во Македонија.

На кој начин се добиени податоците за димензиите на пештерите?

Една од основните цели при истражувањето на пештерите е и нивното документирање. Тоа се прави преку картирање (скицирање) на пештерските канали, како и нивно фотографирање. При картирањето се вршат мерења со кои се добиваат податоци за димензиите (должина, ширина и висина) и протегањето (азимут и наклон) на пештерските канали. Мерењата се вршат помеѓу мерни станици, чија локација ја избираат спелолозите, но најчесто се наоѓаат вдолж правецот на протегањето на пештерските канали. Во прилог на овие податоци, користејќи посебни картографски симболи, се прават теренски карти (скици) на кои се забележуваат повеќе информации за пештерите (форма на пештерските канали, пештерски седименти, хидрографија итн). На крај, податоците од мерењата и теренското картирање се сумираат и се изработува спелеолошка карта (скица) во хоризонтална проекција (план) и вертикална проекција (надолжен профил), каде се вметнати и поголем број на напречни пресеци на пештерските канали.

Под должина на пештерата се подразбира збирот на должините на сите документирани пештерски канали, без разлика на нивното протегање (хоризонтално или вертикално). Се изразува најчесто во метри.

Под длабочина на пештерата се подразбира вертикалното растојание од влезот до најдлабоката истражена локација во пештерата. Се изразува најчесто во метри.

Под вертикална развиеност на пештерата се подразбира вертикалното растојание меѓу највисоката истражена локација и најдлабоката истражена локација во пештерата. Се изразува најчесто во метри.


Што се пештери, а што пропасти и како настануваат?

Под пештера подразбираме подземна природна празнина, доволно голема за да може човек да влезе во неа. Терминот во своето општо значење ги опфаќа сите подземни природни празнини без разлика на нивното протегање. Во однос на протегањето, пак, разликуваме два вида на пештери: хоризонтални (пештери во потесна смисла на зборот) и вертикални (пропасти). По медиумите, а и низ литературата, често ќе сретнете да се користи зборот јама наместо пропаст, што е погрешно. Во македонскиот јазик зборот јама се користи за дупка ископана во земја (на пример во рударството).

Пропаст (лево) и пештера (десно)

Во сите овие случаи, под пештера се мисли на празнина формирана со хемиска ерозија, односно празнина која водата ја создава, кога при своето движење низ пукнатините на растворливите карпи (варовници, доломити, мермери, гипс), ги раствора карпите и проширува пукнатините. Ваквите пештери уште се нарекуваат и карстни пештери, бидејќи теренот што се формира со растворање на карпите и во кој се формираат пештери се нарекува карст.


А што е тоа карст?

Со терминот карст се означува терен формиран врз силно растворливи и испукани карпи (пр. варовници, мермери), што резултира со развој на посебни релјефни форми (карстни релјефни форми, пр.: карстни полиња, вртачи, пештери и др.) и подземна (карстна) хидрографија. Самиот збор „карст“ (кarst) претставува германизирана форма на името на платото Крас во Словенија, што доаѓа од прединдоевропскиот збор kar, што значи камен/карпа (каменест/карпест терен).

Карстни полиња: Суво Поле на Галичица (горе) и Тони Вода на Бистра Планина (долу)

Во Македонија, карстните терени често носат топоним „Краста“, што веројатно е етимолошки еквивалентниот македонски назив за карст, меѓутоа во стручната литература уште од првите проучувања се користи терминот карст.

Карстните терени се одликуваат со големи резерви на подземна вода, кои во Македонија, иако недоволно искористени, се застапени со околу 40 % во водоснабдувањето. Воедно се значајни архиви на палеосредински информации (клима, жив свет, релјеф и др.), кои многу полесно можат да се зачуваат во пештерите отколку на површината, а претставуваат и живеалишта на посебни (најчесто ендемични) животински видови. Карстните терени и пештерите имаат и големо туристичко значење поради нивните пејсажни, културни и научни вредности.

Од друга страна, карстот е особено ранлив на загадување и претерано искористување, нешто што, поради претежно подземната манифестација на карстните процеси, не е лесно воочливо се дури не е во поодмината фаза, па мора да се обрнува посебно внимание на неговата заштита.

 

Подготвил:
д-р Марјан Темовски, спелеолог и карстолог.

 

 

Tagged , , , , . Bookmark the permalink.

Comments are closed.